Македонија

Ангелов: Во Куклиш пожарот стигна до првите куќи, храбрата реакција на струмичките пожарникари спречи поголема катастрофа

Ангелов: Во Куклиш пожарот стигна до првите куќи, храбрата реакција на струмичките пожарникари спречи поголема катастрофа

Над 30 пожари на отворен простор се регистрирани во текот на вчерашниот ден, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Тој повторно апелираше до граѓаните да бидат исклучително внимателни, бидејќи и најмала искра може да предизвика голема катастрофа.

„Во текот на вчерашниот ден, повторно имавме над 30 пожари на отворен простор, што значи дека нивниот број не стивнува. Затоа уште еднаш упатувам апел до сите граѓани да бидат исклучително внимателни, бидејќи и најмала искра може да предизвика голема катастрофа“, рече Ангелов.

Иако метеоролозите за денес и утре попладне најавуваат појава на локални врнежи, Ангелов предупредува дека опасноста од пожари останува висока поради исклучително сувата вегетација.

Во текот на вчерашната вечер, четири пожари избувнале на територијата на општина Струмица. Благодарение на брзата интервенција на струмичките пожарникари, сите пожари биле локализирани и изгаснати.

Особено критична била состојбата кај селото Куклиш, каде што пожарот стигнал до првите куќи. Ангелов посочи дека со храбрата и пожртвувана реакција на струмичките пожарникари, со поддршка од пожарникарите од Радовиш и Валандово, била спречена потенцијално поголема катастрофа.

„Постоеше опасност и по куќите, но и по земјоделските површини околу селото“, рече Ангелов.

Пожарот што веќе неколку дена гори на планината Жеден во моментов се движи во правец на селото Радуша. Огнот зафаќа тешко пристапен, карпест терен со грмушки и трње, но засега, според Ангелов, нема директна опасност за ниту едно село.

Се очекува во текот на денот пожарот да биде ставен под контрола и изгаснат со ангажирање на пожарникари од тетовска и скопска страна.

Во гаснењето на пожарот вчера биле ангажирани и неколку противпожарни тимови на Дирекцијата за заштита и спасување. Тие и денес остануваат на располагање како поддршка на скопските и тетовските пожарникари.

Останатите информации за состојбата со пожарите ги објавува Центарот за управување со кризи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни