Македонија

Единствениот првоодделенец во Вељуса денеска седна во училишна клупа

Единствениот првоодделенец во Вељуса денеска седна во училишна клупа

Денеска започна новата учебна 2026/2027 година. Овој почеток најголема радост донесе за првачињата кои за прв пат седнаа во училишните клупи и започнаа ново животно поглавје.

Новата учебна година започна и за единствениот првоодделенец во подрачното училиште ,,Сандо Масев” во населеното место Вељуса. Среќен почеток и успех во учењето му посака градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков.

„Секоја промена носи емоции, особено кога станува збор за нашите деца. Најважно е тие да имаат добри услови за образование, да учат, да се развиваат и да имаат можност да бидат дел од средина во која ќе стекнуваат нови знаења и другарства. Како Општина, наша обврска е да обезбедиме поддршка и еднакви можности за секое дете, без разлика каде живее“, истакна Јанков.

За учениците од шесто до деветто оделение кои досега следеа настава во училиштето во Вељуса обезбеден е организиран превоз до ООУ „Сандо Масев“ во Струмица. Наставниот кадар ќе го задржи својот работен ангажман согласно законските можности, а Општината останува посветена на обезбедување подобри услови за учениците и наставниците.

По повод почетокот на новата учебна година, градоначалникот Јанков упати честитка до сите ученици, наставници и родители, со порака дека општина Струмица и понатаму ќе продолжи одговорно да вложува во образованието и во иднината на своите најмлади жители.

„Ќе продолжиме да ги носиме потребните одлуки и да вложуваме таму каде што се најпотребни – во нашите деца и во нивната иднина“, порача градоначалникот Петар Јанков.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни