Меѓуградскиот автобуски превоз во Македонија повторно поскапува, што дополнително ќе го оптовари буџетот на граѓаните кои секојдневно патуваат меѓу градовите поради работа или образование.
Најголемо зголемување има на релацијата Тетово–Скопје, каде билетот во еден правец сега чини 250 денари, наместо досегашните 200 денари. Повратниот билет за оваа релација изнесува 500 денари.
Поскапување има и кај автобускиот превоз меѓу Куманово и Скопје. Цената на билетот во еден правец е зголемена од 170 на 200 денари, додека повратниот билет чини 400 денари.
Новите цени значително го зголемуваат месечниот трошок за оние кои секојдневно патуваат до Скопје. Работник од Тетово со минимална плата од околу 26.000 денари, доколку патува 22 работни дена во месецот, би издвојувал околу 11.000 денари само за превоз, што претставува околу 42 отсто од неговата плата.
За патник од Куманово, месечниот трошок за секојдневен превоз би бил околу 8.800 денари, односно приближно една третина од минималната плата.
Поскапувањето предизвика реакции и незадоволство кај граѓаните, особено кај студентите и работниците кои немаат друга можност освен секојдневно да патуваат до Скопје.
Од Министерството за економија и труд објаснуваат дека во услови на пазарна економија цените се формираат слободно на пазарот и дека во моментов нема законска основа за нивно ограничување.
Приватните автобуски превозници засега немаат излезено со официјално објаснување за зголемувањето на цените.