Австралија ги предупредува своите граѓани кои планираат патување во Македонија да преземат дополнителни мерки за заштита од комарци поради регистрираните случаи на Западнонилска треска.
На официјалната платформа за патувања на австралиската влада, „Smartraveller“, на 2 септември е ажурирана препораката за Македонија, во која појавата на вирусот Западен Нил е наведена меѓу најновите информации важни за патниците.
И покрај предупредувањето, за Македонија останува најниското ниво на патничко предупредување, односно препорака граѓаните да применуваат вообичаени безбедносни мерки.
Австралиските власти наведуваат дека не постои вакцина против Западнонилската треска и советуваат патниците да користат средства за заштита од инсекти, да носат долга, широка и светла облека и да престојуваат во објекти заштитени од комарци.
Според последните податоци на македонските здравствени власти, во земјава досега се регистрирани 55 случаи на Западнонилска треска. Од нив, 53 се лабораториски потврдени, додека два случаи сè уште не се потврдени.
Во моментов 19 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Во текот на последната недела биле регистрирани пет нови случаи, од кои три лабораториски се потврдени. Тоа претставува намалување во однос на претходните недели, кога биле евидентирани меѓу девет и 11 случаи неделно.
Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Од почетокот на годинава во Македонија се регистрирани и шест смртни случаи кај лица кај кои била потврдена инфекција со вирусот.