Македонија

Вештачење за „Пулс“: 13 години немало противпожарна инспекциска контрола во објектот

Вештачење за „Пулс“: 13 години немало противпожарна инспекциска контрола во објектот

Нови детали за безбедносните услови во дискотеката „Пулс“ беа изнесени денеска во судницата во Идризово, каде продолжи судењето за трагичниот пожар во Кочани. Во фокусот на доказната постапка беа вештачењата и прашањата на одбраната до вештите лица.

Вештото лице Викторија Будимовска Секуловска посочи дека, според информациите со кои располагале при изработката на вештачењето, во периодот од 2012 до 2025 година во „Пулс“ немало извршено инспекциска контрола од инспектор за противпожарна заштита.

Во однос на условите во објектот, таа посочи дека во внатрешноста бил поставен само еден план за евакуација, додека главната влезно-излезна врата не ги исполнувала условите за противпожарна врата.

Како што објасни Будимовска Секуловска, вратата немала паник-рачка, соодветен систем за кочење во отворена положба, ниту била исполнета потребната огноотпорност.

На денешното рочиште сведочеше и вештото лице Маријана Лазаревска, која одговараше на прашања поврзани со градежните и техничките интервенции во објектот и неговата пренамена.

Лазаревска посочи дека, иако утврдувањето на причината за пожарот не било задача на вештачењето, од аспект на материјалите и условите во објектот постоела поврзаност меѓу прскалките и сунѓерот, кој можел да придонесе за ширење на огнот.

Таа објасни дека при проектирањето на објектите пожарот се третира како можен ризик, без оглед на причината поради која би настанал, поради што објектите треба да бидат проектирани така што ќе обезбедат безбедност и во услови на пожар.

Вештото лице нагласи дека наодите во вештачењето не се темелат на еден документ или на претпоставки, туку на целокупната расположлива документација.

Во текот на расправата, судијката Дијана Груевска-Илиевска се осврна и на прашањето за дополнителното осветлување во објектот. Таа посочи дека во претходниот дел од постапката вештите лица веќе дале одговори дека пренамената на објектот во кабаре и дискотека подразбирала потреба од дополнително осветлување, а со тоа и интервенции и зголемување на електричната инсталација.

Судењето се наоѓа во доказна постапка. Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распитот на вештите лица кои го изработиле, треба да заврши делот од доказите што ги предлага Обвинителството, по што одбраната треба да започне со изведување на своите докази.

Обвинителството претходно соопшти дека во рамки на истрагата биле утврдувани пропусти и во постапувањето на надлежни службени лица во периодот од 2012 година до пожарот, вклучително и во однос на инспекцискиот надзор и исполнувањето на законските услови за работа на објектот.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни