Пожарот кој во текот на ноќта навлезе од косовска страна на македонска територија продолжува да се шири во реонот над селото Грачани, при што надлежните служби преземаат мерки за да спречат огнот да се приближи до населеното место.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, информира дека во гаснењето се вклучени двата „ер-трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, додека на терен интервенираат и скопските пожарникари. Воздушната поддршка е насочена кон пресекување на огнената линија над селото.
„Очекувам огнот да биде пресечен над селото за тоа да не претставува закана за ова убаво село“, изјави Ангелов.
Пожарот има огнена линија подолга од пет километри, а според досегашните информации, напорите на екипите се насочени кон воспоставување контрола и спречување на загрозување на околните населени места.
Во меѓувреме, нови огнени точки се појавиле и во општина Студеничани, каде што повторно се активирани пожари во реонот на Китка, односно кај Количани и Цветово. Засега тие не претставуваат директна опасност за населените места и се очекува да бидат ставени под контрола.
Како едно од посериозните активни жаришта, Ангелов го издвојува и пожарот во регионот меѓу Струга и Кичево. Во текот на утрото таму била ангажирана и армиска летечка поддршка, која им помагала на екипите на теренот.
Опасноста од пожари и натаму е висока. Само во изминатото деноноќие биле регистрирани повеќе од 40 пожари на отворен простор, а утринскиот извештај на ЦУК регистрира 41 пожар, од кои шест биле активни, пет под контрола, а 30 изгаснати.
Ангелов упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни и предупреди дека ризикот ќе остане висок сè додека нема посериозни врнежи.
„Доволно е само една искра за вистинска катастрофа“, предупреди Ангелов, посочувајќи дека се очекуваат врнежи во вечерните часови и во текот на утрешниот ден.