Тешка сообраќајна несреќа се случила синоќа на магистралниот пат Охрид-Кичево, во која животот го загубил возач на патничко возило.
Несреќата била пријавена во СВР Охрид во 23:30 часот. Според пријавеното, автомобил „хјундаи гец“ со охридски регистарски ознаки удрил во кучиња скитници, по што возачот ја загубил контролата над возилото.
Автомобилот потоа удрил во металните оградни браници покрај патот, по што се запалил.
На местото интервенирала екипа на Територијалната противпожарна единица Охрид, која го локализирала и изгаснала пожарот. Во возилото било пронајдено телото на починатиот возач.
По наредба на јавен обвинител, телото било предадено на Судска медицина за обдукција, како и за утврдување на идентитетот на починатото лице.
Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Охрид. За време на увидот, сообраќајот на магистралниот пат Охрид-Кичево бил пренасочуван преку регионалниот пат Охрид-Струга.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на околностите под кои се случила несреќата.