Македонија

Михаилов тврди: „Немаат аргументи против Ива, па почнаа да се занимаваат со мене“

Михаилов тврди: „Немаат аргументи против Ива, па почнаа да се занимаваат со мене“

Симеон Михаилов, таткото на Ива Михаилова и лице по кое од Македонија е распишана меѓународна потерница, излезе со видеообраќање во кое ги отфрла наводите поврзани со неговата правосилна затворска казна и тврди дека во минатото бил жртва на политички мотивиран процес.

На почетокот од видеото, Михаилов им се заблагодари на граѓаните за поддршката што ја добива неговата ќерка Ива, која е обвинета во постапката поврзана со сообраќајната несреќа во Кочани.

Според неговото тврдење, вниманието кон неговото минато било намерно пренасочено во период кога, како што вели, обвинителството немало нови аргументи во постапката против неговата ќерка.

Михаилов во своето обраќање го посочува обвинителот Игор Чокревски, обвинувајќи го дека наместо фокусот да биде ставен на медицинската состојба, вештачењата, доказите и исказите на сведоците во предметот против Ива, вниманието било насочено кон нејзиниот татко.

Тој тврди дека потоа, со учество на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков, во македонските медиуми и на социјалните мрежи биле објавувани информации за неговото минато.

Ги отфрла наводите за 12-годишната затворска казна

Михаилов се осврнува и на информациите дека во Македонија има правосилна затворска казна од 12 години.

Тој тврди дека за време на владеењето на Никола Груевски имал успешен бизнис со неколку казина, но дека бил обвинет за перење пари со цел, како што наведува, да му биде одземен бизнисот.

Според неговото сведоштво, по четири години поминати во притвор бил ослободен, бидејќи обвинителството, како што тврди тој, не обезбедило докази за делото за кое бил обвинет.

Потоа, според Михаилов, бил обвинет дека заедно со група лица, за кои вели дека не ги познава, поставил бомба под автомобил. Тој тврди дека за ова дело бил осуден на 12 години затвор во негово отсуство и без докази.

Михаилов дополнително тврди дека неговите казина биле одземени, а подоцна продадени на лица блиски до тогашната власт. За ваквиот развој на настаните тој го посочува поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Тој во видеото наведува и дека по промената на власта, обвинителите и судиите кои биле вклучени во постапките против него подоцна биле предмет на истраги и судски постапки.

Михаилов на крајот од обраќањето ѝ се заблагодари на Бугарија, која ја нарекува своја татковина, како и на сите граѓани кои, според него, ја поддржуваат неговата ќерка.

Наведените обвинувања и тврдења се изнесени од самиот Михаилов во неговото видеообраќање и не се независно потврдени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни