Најголем дел од прекршоците што ги прават пешаците се однесуваат на небезбедно преминување на улиците, покажаа резултатите од засилената сообраќајна контрола спроведена низ целата држава.
Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи на 2 септември, во периодот од 10 до 15 часот, спроведе акциска контрола насочена кон почитувањето на сообраќајните правила од страна на пешаците. При контролата биле регистрирани вкупно 189 прекршоци.
Најмногу прекршоци се евидентирани на подрачјето на СВР Штип – 57, потоа во СВР Битола и СВР Струмица по 32, додека во СВР Тетово биле констатирани 27 прекршоци.
Од вкупниот број, 159 прекршоци се однесуваат на неправилно и небезбедно преминување на улица – односно преминување надвор од обележан пешачки премин или на место кое не е предвидено за преминување на пешаци.
Во рамки на контролата биле констатирани и 134 други прекршоци, за кои, како што информираат од МВР, биле преземени соодветни мерки согласно законските прописи.
Од МВР најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени сообраќајни контроли, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Од Министерството апелираат до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и улиците да ги преминуваат исклучиво на обележани пешачки премини или на други места предвидени за безбедно преминување.