Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека од македонска страна нема причина за загриженост поради истрагата што се води во Унгарија во врска со кредитот што Македонија го доби од унгарската „Ексим“ банка под поволни услови.
Мицкоски денеска изјави дека проверките се внатрешна работа на унгарските институции и дека очекува тие да ја завршат постапката и да излезат со информации поврзани со заемот.
„Дали стравувам од истрагата? Апсолутно не, затоа што сето тоа е дел од нашето стратешко партнерство, плус потврдено од двата парламенти и двете влади, а средствата се потрошени транспарентно“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој нагласи дека кредитот е дел од стратешката соработка меѓу двете земји и изрази благодарност до Унгарија за поддршката што, како што рече, ја дала на Македонија во периодот кога државата се соочувала со сериозни финансиски предизвици.
Мицкоски воедно посочи дека очекува поддршката од Унгарија кон Македонија и понатаму да продолжи, независно од политичките промени во земјата.
Во однос на изјавите на унгарскиот премиер Петер Маѓар за проширувањето на Европската Унија, Мицкоски рече дека е убеден оти тие не се однесуваат на земјите од Западен Балкан.
„Убеден сум дека тоа што го кажал Маѓар не го мисли за Балканот бидејќи досега имаше неколку десетици изјави, откако дојде на власт, во кои вика дека поддршката кон Западен Балкан е искрена и недвосмислена, и никогаш не била под знак прашалник. Мислам дека тоа се однесува на други земји кандидати за членство во ЕУ“, рече премиерот.
Тој порача дека стратешкото партнерство со Унгарија останува значајно за Македонија, додека за самата истрага околу заемот очекува одговорите да ги дадат надлежните институции во Унгарија.