Македонија

Клековски: 13-годишното дете со убод во срцето е стабилно, но сè уште животозагрозено

Клековски: 13-годишното дете со убод во срцето е стабилно, но сè уште животозагрозено

Здравствената состојба на 13-годишното дете кое неодамна беше примено со убод во пределот на срцето и натаму е сериозна. Министерот за здравство Сашо Клековски денеска информираше дека детето е стабилно, но и понатаму се наоѓа во животозагрозувачка состојба.

„Последната информација, за жал, ми е од вчера. Стабилна, во животозагрозувачка состојба, сè уште. Добрата страна – кинетиката, движењето на срцето е во ред, меѓутоа, сè уште е во животна опасност“, изјави Клековски одговарајќи на новинарски прашања.

Министерот се осврна и на ризикот од зголемување на бројот на случаи на морбили, особено поради зголемениот број заболени во соседството. Тој повтори дека нискиот опфат со вакцинација претставува сериозен ризик за појава и ширење на болеста.

Според податоците што ги посочи Клековски, само 62 отсто од учениците се вакцинирани против морбили, што е недоволно за создавање колективен имунитет.

Тој посочи дека Институтот за јавно здравје ги презел потребните активности за информирање на населението, но проблем останува отпорот кон вакцинацијата, особено во одредени урбани средини.

Клековски оцени дека е потребен посистематски пристап кон овој проблем, имајќи предвид дека во одредени средини опфатот со вакцинација е значително повисок, додека во делови од урбаните средини, и покрај повисокото ниво на образование, се бележи понизок опфат.

Во меѓувреме, се очекуваат и промени во протоколите за лекување на пациентите со цистична фиброза кои ја примаат терапијата „Трикафта“.

Министерот најави дека кон крајот на месецов треба да бидат објавени нови протоколи, со кои ќе се прошири опфатот и во однос на возрасните групи и на генетските варијации.

Меѓу планираните промени е и можноста терапијата „Трикафта“ да ја добиваат и деца постари од две години.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни