Македонија

Солзи радосници на ГАК: Малата Бисера по 82 дена замина во прегратките на родителите

Солзи радосници на ГАК: Малата Бисера по 82 дена замина во прегратките на родителите

Една мала борба заврши со голема победа. По цели 82 дена поминати на одделот за интензивна нега, малата Бисера конечно ги напушти болничките простории и замина дома, во прегратките на своите родители.

Од ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје (ГАК) ја споделија радосната вест, опишувајќи го заминувањето на Бисера како еден од најубавите моменти по долгата и неизвесна борба.

Бисера е родена во 27. гестациска недела, со телесна тежина од само 960 грама. Уште од првиот ден, како што велат од ГАК, таа покажала неверојатна сила и издржливост.

Во текот на 82-те дена поминати на интензивна нега, секој грам, секој самостоен здив и секое подобрување биле причина за радост и надеж кај медицинскиот тим.

„Бисера не беше само пациент – таа беше нашата мала хероина, нашата дневна инспирација и потсетник зошто оваа професија е толку света“, велат од ГАК.

Медицинскиот тим посочува дека низ целиот период бил покрај неа, следејќи го секој нејзин напредок и со внимание ги дочекувајќи сите мали победи.

Од ГАК упатија и посебна честитка до родителите на Бисера, за нивната трпеливост, сила и верба во најтешките моменти.

„Тие беа нејзиниот најсилен столб, а таа нивната најголема светлина“, порачаа од Клиниката.

Сега, по повеќе од два и пол месеци поминати под лекарски надзор, Бисера го прави својот најважен чекор – заминува дома.

„Драга мала Бисера, ти посакуваме дома да те дочекаат само смеа, топлина, безгрижни денови и прегратки кои никогаш не завршуваат. Расти здрава, жива и среќна и никогаш не заборавај дека уште од првите денови на овој свет покажа дека си вистински победник“, порачаа од ГАК.

Одделот за интензивна нега, додаваат тие, денес испраќа дома „еден мал дел од своето срце“ – со желба за среќно детство и убав нов почеток за малата Бисера.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни