Системот за справување со врсничкото насилство треба да функционира континуирано, а не само преку поединечни кампањи и проекти, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа посочи дека Министерството презема повеќе активности, законски измени и мерки во училиштата со цел превенција и санкционирање на насилството меѓу учениците.
Јаневска информираше дека се предвидени промени во организацијата на работата во училиштата, поголема грижа за учениците, но и санкции во случаи кога децата повторно манифестираат насилно однесување.
„Целта е да воспоставиме стабилен систем кој континуирано ќе дејствува во спречување на врсничкото насилство“, посочи министерката.
Во однос на соработката со Град Скопје, таа рече дека разговорите засега се одвиваат на ниво на службите, а дополнително ќе се разговара и со градоначалникот за активностите што треба да се спроведат.
Јаневска се осврна и на прашањето за поскапувањето на меѓуградскиот превоз и можноста за субвенционирање на студентите кои патуваат од други градови. Таа појасни дека во моментов не е предвиден бесплатен меѓуградски превоз, додека студентите имаат бесплатен превоз таму каде што постојат услови и донесени одлуки за тоа.
Како главен приоритет на Министерството, министерката го посочи подобрувањето на квалитетот на образованието. Меѓу најавените промени се едносменска и целодневна настава за помалите ученици, промени во наставните планови и програми во високото образование, како и носење нов закон за високото образование.
Во однос на високите температури и условите во училиштата, Јаневска рече дека во моментов нема информација дека Скопје се наоѓа во портокалова фаза. Таа нагласи дека постои утврдена процедура според која, доколку се прогласи таква фаза, надлежните институции носат соодветни мерки и ги информираат училиштата.
Министерката уверува дека доколку има потреба од дополнителни мерки, учениците, родителите и наставниците навреме ќе бидат информирани.
Јаневска говореше и за состојбата во ООУ „Киро Глигоров“ во Општина Центар, каде дел од наставата привремено се реализира онлајн поради градежни активности. Според неа, одлуката е донесена пред сè заради безбедноста на учениците, бидејќи во училиштето сè уште има работници.
Таа очекува градежните работи да бидат завршени во следните две недели. Во однос на предлозите учениците да бидат распределени во други училишта или наставата да се организира во две смени, Јаневска посочи дека конечната одлука не е во надлежност на Министерството, туку на училиштето и локалната самоуправа.
Според министерката, краткиот период на онлајн настава е оправдан доколку со тоа се обезбеди сигурност на учениците, додека долгорочната цел останува воведување на едносменска настава и подолг престој на учениците во училиштата.