Македонија

Марта Кос ја откажа посетата на Србија поради величењето на Младиќ

Марта Кос ја откажа посетата на Србија поради величењето на Младиќ

Одлуката на европската комесарка за проширување Марта Кос да не ја реализира планираната посета на Србија доаѓа во момент кога во земјата се одвиваат подготовки за погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.

Кос преку социјалните мрежи порача дека враќањето на останките на Младиќ во Белград повторно ги отвора најтешките прашања од поновата европска историја.

Таа оцени дека јавното величење на Младиќ по неговата смрт не е во согласност со вредностите на Европската Унија, нагласувајќи дека европскиот пат на Србија подразбира соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите на воените злосторства.

„Вредностите врз кои почива нашата заедничка иднина не се предмет на преговори“, порача Кос, додавајќи дека поради тоа одлучила во овој момент да не ја реализира посетата на Белград.

Во Даблин, каде што учествуваше на неформалниот состанок на министрите за европски прашања, Кос изјави дека начинот на кој ќе се одвива погребот на Младиќ ќе биде земен предвид при оценувањето на усогласеноста на Србија со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Усогласувањето со европската надворешна и безбедносна политика е еден од условите во процесот на пристапување кон Унијата.

Посетата на Кос во Белград беше планирана за 9 септември, два дена по погребот на Младиќ. Нејзиното одложување предизвика реакција од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој објаснувањето го оцени како „глупаво“.

Вучиќ праша кој конкретно го величал Младиќ и ја критикуваше идејата дека погребот и собирањето на граѓани околу него треба да бидат причина за одложување на посетата.

Во Србија во меѓувреме се одвиваат подготовките за испраќање на Младиќ, кој почина во Хаг на 27 август на 85-годишна возраст. Неговото тело беше пренесено во Белград со авион на српската влада, а ковчегот беше преземен од припадници на вооружените сили и пренесен во Военомедицинската академија.

Враќањето на останките беше проследено со собири и пораки за поддршка на Младиќ. На надвозниците над автопатот се појавија транспаренти со пораки во негова чест, додека на социјалните мрежи беа објавени снимки на кои граѓани го поздравуваат ковчегот со факели.

Погребот е најавен по комеморативните настани во Белград, а српските власти очекуваат голем број граѓани да присуствуваат. Вучиќ претходно изјави дека безбедносните служби проценуваат оти на погребот би можеле да се појават десетици илјади луѓе.

На реакциите за величењето на Младиќ се приклучи и комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти. Тој изрази згрозеност од јавното славење на осудениот воен злосторник и порача дека тоа претставува навреда за жртвите.

Младиќ беше осуден на доживотен затвор од Механизмот за меѓународни кривични трибунали за геноцидот во Сребреница, прогон, терор врз цивилното население во Сараево и други воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.

Случајот повторно го отвори прашањето за односот на Србија кон воените злосторства од деведесеттите и за нејзината подготвеност за соочување со минатото во рамки на процесот на пристапување кон Европската Унија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни