4NEWS.mk

Аргентина и Чиле отвораат пат за милијарди во бакар, Македонија сè уште стои на место

Аргентина и Чиле отвораат пат за милијарди во бакар, Македонија сè уште стои на место

Аргентина и Чиле прават нов чекор кон заеднички рударски проекти во Андите, со цел да привлечат милијарди долари инвестиции во бакарот и да им овозможат на компаниите полесно да ја користат инфраструктурата и ресурсите што се протегаат преку границата.

Двете земји го обновуваат и унапредуваат договорот за интеграција и дополнување на рударството од 1997 година, со што се отвора можноста за реализација на таканаречени бинационални рударски проекти. Целта е едноставна – подобро искористување на ресурсите, поголема ефикасност и создавање услови за нови инвестиции во секторот.

Додека Аргентина и Чиле ги усогласуваат правилата за да привлечат нов капитал, Македонија сè уште не успева да направи значаен исчекор во искористувањето на сопствениот минерален потенцијал.

Земјата располага со значајни ресурси на бакар, а наоѓалиштето во Иловица е детално истражено и потврдено како значаен ресурс. Според досегашните објавени податоци, се утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви и 225 милиони тони руда, со проценети околу 410 илјади тони бакар. Истражувањата покажуваат искористување од околу 84 отсто за бакарот.

Предвидениот рудник би имал капацитет на експлоатација од околу 10 милиони тони руда годишно, со просечно годишно производство од повеќе од 10 илјади тони бакар.

Станува збор за потенцијал кој може да има значење не само за рударството, туку и за извозот, вработувањето, локалниот развој и позиционирањето на Македонија во европските синџири на снабдување со критични минерали.

Додека светот бара начини побрзо да дојде до бакар и други стратешки суровини, прашањето за Македонија е дали ќе продолжи да ги набљудува овие процеси или ќе создаде услови и самата да стане дел од нив.

Додека Македонија тапка во место, голем број држави засилено спроведуваат геолошки истражувања за присуство на критични минерали, особено бакарот чија цена расте на светските берзи на метали. Дури и наоѓалиштата што во минатото биле закочени повторно се активираат, каков што е примерот од најновата соработка меѓу Аргентина и Чиле.

„Двете земји одобрија оперативни протоколи за рударските проекти „Викуња“, „НексоАндино“ и „Фило Сур“, чии минерални наоѓалишта се протегаат на границата помеѓу аргентинската покраина Сан Хуан и чилеанскиот регион Атакама“, се вели во соопштението на чилеанската влада, без да се откријат дополнителни детали.

Министерот за рударство на Чиле, Даниел Мас претходно изјави дека рамката би можела да помогне во отклучување на повеќе од 20,7 милијарди долари инвестиции за нови 540.000 тони во годишното производство на бакар. Според пишувањата, за инвеститорите клучна атракција е транспортот, односно потенцијалот што го имаат аргентинските проекти во близина на границата на Андите, за пристап до чилеанските пристаништа. На тој начин, ќе се искористи инфраструктурата поврзана со најголемата индустрија за производство на бакар во светот, намалувајќи ги трошоците и помагајќи во пуштањето во употреба на нови рудници.

„Развојот на бинационални проекти создава огромни можности за чилеанските добавувачи, за користење на чилеанската инфраструктура, за обезбедување услуги за аргентинската индустрија и за развивање партнерства“, истакна Хоакин Виларино, раководител на Советот за рударство на Чиле.

Аргентина не произведува бакар од затворањето на рудникот Алумбрера во 2018 година. Но, овие проекти во развој би можеле да ја сместат меѓу 10-те најголеми производители на бакар во светот до 2030 година, велат аналитичарите. Заедно со Чиле, Аргентина би можела да биде клучен центар за снабдување со метал кој е критичен за енергетската транзиција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни