Триесет и пет години по прогласувањето на независноста, македонското знаме останува еден од најпрепознатливите симболи на државата. Неговиот автор, архитектот и професор Мирослав Грчев, денес се присетува на времето во кое го создавал дизајнот – период на политички превирања, економска блокада и неизвесност за иднината на младата држава.
Грчев во „Отворено студио“ на 4ТВ по повод 35 години независна Македонија вели дека работата на државните симболи започнала уште во првите години по независноста. Во тој период, покрај знамето, се работело и на дизајнот на пасошот, личната карта, документите за државјанство, изводите од матичните книги и други државни обележја.
„Тоа беа исклучително тешки и стресни времиња“, се присетува Грчев.
Првично, вниманието било насочено кон создавање нов визуелен идентитет на државата. Грчев работел и на предлог за нов грб, а како мотив го земал историскиот лав на црвен штит. Во работата бил вклучен и тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски, кој бил упатен во ликовните уметности и имал контакти со уметничката и академската средина.
Но, во 1995 година политичките околности го забрзале процесот.
По Привремената спогодба со Грција, Македонија се обврзала да го промени знамето што претходно го имала усвоено. За Грција, сонцето од Вергина претставувало симбол од сопственото културно и археолошко наследство.
„Имавме многу кусо време за да пронајдеме ново знаме“, раскажува Грчев.
Тој добил задача да подготви решенија. Основата била јасна: црвената боја да остане, а централниот мотив повторно да биде сонцето. Прашањето било како графички да се претстави.
Грчев направил студија на различни историски и современи начини на прикажување на сонцето и ги свел на 16 основни графички мотиви. Од нив биле издвоени неколку решенија, а на крајот било избрано сонцето со осум радијално распоредени зраци.
„Одлуката падна најмногу заради тоа што видовме континуитет со визуелизацијата на сонцето на нашиот грб“, вели тој.
Така, во турбулентен период за државата, настана знамето кое денес се вее на институциите, плоштадите и македонските дипломатски претставништва.
За Грчев, неговиот дизајн и денес може да се доработува, но не и суштински да се менува.
„Не мислам дека треба да се менува мотивот. Треба графички да се дотерува и неговите апликации да се разработуваат“, смета авторот.
Три и пол децении подоцна, знамето останува сведоштво за едно време во кое, паралелно со создавањето на државните институции, се создавал и визуелниот идентитет на независна Македонија.
По повод големиот јубилеј – 35 години од македонската независност, 4TV подготвува специјално празнично издание. Гледајте го отвореното студио денеска, со почеток во 19:00 часот во живо.