По повод Денот на независноста, 8 Септември, најпознатата статуа во Брисел, „Манекен пис“, денеска за првпат беше облечена во традиционална македонска народна носија.
Настанот започна во Градското собрание на Брисел со обраќања на шефот на македонската Постојана мисија при ЕУ, амбасадорот Зулфи Исмаили, и претставник на локалните власти. По презентацијата, амбасадорот Исмаили му ја предаде носијата на градоначалникот на Брисел, Филип Клосе.
На настанот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор (меѓу кои и амбасадорот во НАТО, Орхан Муретзени), македонската дијаспора и културниот живот во Брисел.
Носијата свечено беше пренесена од плоштадот „Гран плаз“ до фонтаната каде што се наоѓа статуата, по што следеше нејзиното облекување.
Иако во Брисел постои традиција за облекување на статуата за разни празници, ова е првпат таа да носи македонска народна носија, претставувајќи го македонското културно наследство пред Европа.
Бронзената статуа висока 55 сантиметри е еден од најпрепознатливите симболи на Брисел, а според легендата, го прикажува момчето кое го спасило градот од пожар, поради што го симболизира слободарскиот и независен дух.