Покрај тоа што е познат како првото дете родено во Независна Македонија, Христијан Проданов е препознатлив и по својата љубов кон спортот и по необичниот начин на кој учествува на маратони. Во специјалното отворено студио на 4ТВ тој откри како започнала идејата да трча во костими и кои спортски моменти од последните 35 години најмногу му останале во сеќавање.
Идејата за трчање во костим, како што раскажа Проданов, започнала сосема спонтано.
Се подготвувал за полумаратонот на Скопскиот маратон, но бидејќи не бил доволно подготвен, решил настапот да го направи поинтересен и за себе и за публиката.
„Не бев подготвен за тоа трчање и си реков – да го направиме интересно и за мене и за публиката која ќе биде присутна тој ден. Се облеков во Спајдермен костумот и наидов на екстра добри коментари и реакции“, раскажа Проданов.
Позитивните реакции го охрабриле да продолжи, па така една спонтана идеја прераснала во негов препознатлив начин на учество на маратони.
Но, кога зборува за 35 години независна Македонија, најголем дел од спомените на Проданов се поврзани токму со спортот.
Како човек кој целиот живот е поврзан со спортот, тој ги издвојува успесите на македонските клубови и спортисти како едни од најубавите моменти што ја одбележале државата.
Меѓу спомените кои ги посочи се успесите на македонската кошарка и ракомет, европските трофеи на Вардар, како и познатите моменти од настапите на македонската фудбалска репрезентација.
Меѓу нив го издвојува и голот на Артим Шакири против Англија, постигнат директно од корнер – момент кој остана запаметен во историјата на македонскиот фудбал.
Сепак, покрај гордоста од спортските успеси, Проданов зборуваше и за работите кои, како што вели, го повредиле во изминатите три и пол децении.
Особено го издвојува чувството дека Македонија низ годините се соочувала со оспорувања од соседството.
„Ме повредило сето тоа што го имаме дозволено, да не речам соседите да го наметнат и да го оспоруваат сите овие години“, рече Проданов.
И покрај разочарувањата, тој не се откажува од надежта дека Македонија може да продолжи да напредува.
„Мислам дека ќе се појави човек кој што тоа ќе го спречи и ќе направи Македонија да расте како што треба“, порача Проданов.