Македонија

Марковска за првиот парламент: Пратениците беа под силни политички влијанија

Марковска за првиот парламент: Пратениците беа под силни политички влијанија

Пратеничката од првиот парламентарен состав, Ѓулистана Марковска, во специјалното студио на 4ТВ по повод 35 години Независност се осврна и на политичката атмосфера во Собранието во првите години од создавањето на независна Македонија.

Говорејќи за тогашното функционирање на парламентот, Марковска посочи дека пратениците се соочувале со различни влијанија и обиди да се влијае врз нивното политичко позиционирање.

Во периодот кога се поставувале темелите на независната држава, според неа, голем предизвик било и прашањето како пратениците ќе се определат во Собранието и дали ќе останат доследни на сопствените ставови или ќе бидат привлечени со политички функции.

Марковска потсети дека во исто време другите југословенски републики веќе преземале конкретни чекори кон независност и започнувале да добиваат меѓународно признавање, додека во Македонија сè уште постоела неизвесност околу идниот правец.

„Истите можеби почнаа да добиваат и признавање од други држави, а ние сè уште некако се колебавме што ќе правиме“, истакна Марковска.

Според неа, политичките околности во тој период биле исклучително сложени, а одлуките што ги носеле првите пратеници имале историска тежина бидејќи се однесувале на иднината на новоформираната држава.

Марковска во разговорот потсети и дека првиот парламентарен состав функционирал во услови на распаѓање на СФРЈ и во време кога во регионот веќе се случувале вооружени конфликти.

Таа оцени дека денешните политички поделби треба да се гледаат и низ призмата на тоа колку различни биле околностите во кои дејствувале првите пратеници и колку голема одговорност имале пред себе.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни