Нула денари од државниот буџет, според премиерот Христијан Мицкоски, биле потрошени за организацијата на бројните настани со кои годинава беше одбележана 35-годишнината од независноста на Македонија.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Штип, рече дека сите активности биле реализирани со поддршка од општествено одговорни компании, а трошоците за нив не биле на товар на граѓаните и државниот буџет.
„Имам лоша вест за сите оние кои шпекулираа, негодуваа, клеветеа, пласираа лажни информации, а молчев. Не сакав да зборувам затоа што оставав сето тоа што претставуваше навистина посебен момент за градовите низ земјава да биде посебен момент и за граѓаните во тие градови“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека податоците можат да се проверат преку платформата „Отворени финансии“, повторувајќи дека за организацијата на настаните не биле искористени буџетски средства.
„Лошата вест, уште еднаш ќе повторам, за нив е дека се потрошени нула денари буџетски средства за организација на сите овие настани, а сепак имавме незаборавно лето“, изјави премиерот.
Мицкоски се осврна и на бројните музички и културни настани организирани во повеќе градови во текот на летото. Како што посочи, програмата започнала во Битола на 2 август со настапот на Стив Аоки, по што следел караванот „Силно светнал ден“ во повеќе градови.
Во Струмица настапиле Пол Оукендфолд и Ван Дајк, а бил организиран и рок-настан со македонски музички групи, меѓу кои и „Меморија“. Во Скопје, пак, настапиле македонски музички ѕвезди, а посебен спектакл бил настапот на Хосе Карерас.
Како круна на летната програма, Мицкоски го посочи концертот на Дејвид Гета на Градскиот стадион, одржан вчера, оценувајќи дека станувало збор за настан за паметење.
Премиерот им се заблагодари на граѓаните и на сите компании и учесници кои биле дел од организацијата, оценувајќи дека со овие настани било покажано оти Македонија може да организира големи и светски настани.
Осврнувајќи се на критиките од СДСМ околу неговата употреба на терминот „талог“, Мицкоски рече дека жали што опозициската партија се препознава во тој израз. Тој повтори дека, според него, „талогот не смее да ја победи елитата“, бидејќи тоа би значело дека вистинската елита ќе ја напушти државата.
Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи со, како што рече, испорака на резултати за граѓаните, додека критиките од опозицијата ги оцени како политичка кампања.