Драма со среќен крај се одвивала во водите на Егејското Море во близина на местото Олимпијада, на Халкидики.
Мајка, татко и нивното малолетно дете од Бугарија се наоѓале во животна опасност и почнале да се дават во силното море. На нивните повици за помош, без никаква задршка, реагирал 15-годишниот Михаил Николовски од Битола.
И покрај големите бранови и ризикот, тинејџерот веднаш влетал во водата за да ги извлекува давениците еден по еден.
„Сè се одвиваше многу брзо, брановите беа многу големи и беше страшно. Но воопшто не размислував за тоа — ме водеше само мислата да спасам живот. Тргнав по жената, ја извлеков на сигурно, а веднаш потоа се вратив по детето. Иако веќе бев изморен, заедно со мајка ми успеавме да го извлечеме и таткото. За среќа, сè заврши добро“, се присеќа Михаил.
Инаку, според податоците на грчките служби, до средината на август годинава се регистрирани 168 случаи на давење во морињата низ Грција, што е намалување за речиси 50 случаи во споредба со минатата година. Статистиката покажува дека дури 80% од жртвите се лица постари од 60 години.