Македонија

Андреј Цековски го освои Њујорк: Златен медал и пехар за 11-годишниот македонски пијанист

Андреј Цековски го освои Њујорк: Златен медал и пехар за 11-годишниот македонски пијанист

Македонското знаме се вееше на сцената во Њујорк, каде 11-годишниот пијанист Андреј Цековски го прими златниот медал и пехарот за освоено прво место на меѓународниот натпревар „International Youth Music Competitions“.

Цековски настапи на гала-вечерта на победниците, одржана на 5 септември во „The DiMenna Center for Classical Music“. За младиот пијанист, настапот пред меѓународна публика беше круна на успехот што го постигна на натпреварот во март годинава, во категоријата „USA Classical Hobbyist“.

На сцената во Њујорк Андреј настапи заедно со победниците од останатите категории, меѓу кои млади музичари од Австралија, Канада, Кина, Полска, САД, Украина, Мексико, Романија, Црна Гора и Турција.

Жирито го истакна неговиот музички талент, техничката сигурност и уметничката зрелост, квалитети со кои се издвоил во конкуренција на млади музичари од повеќе земји.

За време на престојот во Њујорк, за неговиот понатамошен музички развој биле покажани интерес и од неколку фондации и агенции, кои изразиле подготвеност за поддршка на неговото образование.

Андреј е ученик во шесто одделение во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што пијано изучува под менторство на наставничката Марија Диманин-Богоевска. Тој пијано почнал да учи на четиригодишна возраст.

Покрај музичкото образование, Андреј е ученик и во ООУ „Блаже Конески“ во Скопје. Тој е одличен ученик, има освоено повеќе државни награди по различни предмети, а веќе две години тренира и ракомет.

Со освоеното прво место на „International Youth Music Competitions“ и настапот во Њујорк, младиот пијанист продолжува да го гради своето име на меѓународната музичка сцена и да ја претставува Македонија пред светската публика.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни