4NEWS.mk

Додека Брисел финансира рудници за критични минерали, Македонија сè уште чека да го активира својот потенцијал

Додека Брисел финансира рудници за критични минерали, Македонија сè уште чека да го активира својот потенцијал

Критичните суровини стануваат едно од најважните економски и геополитички прашања за Европа. Европската Унија веќе инвестира во нови рударски проекти и склучува партнерства со цел да обезбеди минерали неопходни за индустријата, одбраната, енергетската транзиција и новите технологии.

Фокусот на Брисел кон обезбедување сопствени и партнерски извори на суровини повторно беше потврден и при посетата на Гренланд, каде што Урсула фон дер Лајен посочи дека ЕУ финансира развој на два рударски проекти за критични суровини.

Паралелно со тоа, Македонија располага со сопствени минерални ресурси, но нивниот економски потенцијал сè уште во голема мера останува неискористен.

Експертите во Стратегијата за минерални суровини 2026–2046 препорачуваат државата да го промовира македонското рударство и да се приклучи кон европските напори за обезбедување критични минерали.

Но, на терен ситуацијата е поинаква.

Иловица во моментов е единствената конкретна инвестиција во ископ на критична суровина во Македонија.

Станува збор за проект за бакар со проектирано производство од околу 16 илјади тони годишно, а вредноста на инвестицијата за првите две години од изградбата на постројката е проценета на 350 милиони евра.

Во момент кога Европа вложува значителни средства за да обезбеди минерали за својата иднина, македонскиот предизвик е како побрзо и поефикасно да ги стави сопствените ресурси во функција на економскиот развој.

Инаку, Европската Унија сега разгледува 160 апликации од вториот повик за финансиска поддршка за нови рудници за ископ на критични суровини и за центри за нивна преработка. Резултатите се очекува да бидат објавени оваа есен. Во меѓувреме, ЕУ мобилизираше нов пакет за партнерство во вредност од 200 милиони евра за инвестиции во Гренланд. Со него се предвидуваат нови економски можности за локалното население, истовремено придонесувајќи кон одржлив и просперитетен регион. Воедно, партнерството ЕУ-Гренланд ќе го унапредат одржливите рударски проекти поврзани со европската индустрија. Поддршката, како што е најавено, ќе биде обезбедена преку техничка анализа и поврзување со инвеститори и ќе придонесе за посилни, поинтегрирани и поотпорни вредносни синџири на снабдување.

Таков е проектот за графит „Амитсок“, кој се посочува како конкретен пример за „заемно корисно партнерство“. Како стратешки проект на ЕУ, според Директивата за критични суровини, тој го покажува потенцијалот за интегрирани вредносни синџири Гренланд-ЕУ, зајакнување на безбедноста на снабдувањето и поддршка на инвестициите.

„Сите знаат дека Гренланд располага со огромни ресурси. Се согласивме дека тие треба да се искористат за создавање додадена вредност, работни места и економски раст овде во земјата. Токму со таа визија работиме на два големи проекта. Првиот е проектот за ископ на молибден „Малмбјерг“. Тој би можел да прерасне во еден од најголемите потфати на Гренланд и – доколку правилно го спроведеме – да генерира до 90 милиони евра годишно за земјата како додадена вредност. Исто така, ги финансираме и подготовките за проектот за графит „Амитсок“ на компанијата „ГринРок“, кој е исто така многу важен проект во областа на критичните суровини“, изјави неделава претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен при посетата на Гренланд.

Додека ЕУ развива рударски проекти, домашните експерти, како што е металургот и универзитетски професор Горан Начевски, претходно во интервју истакна дека Македонија има долга рударска традиција и располага со значајни резерви на бакар, олово, цинк, никел, железо, како и на благородните метали злато и сребро. Според него, особено внимание во последната деценија привлекуваат бакарните лежишта, бидејќи бакарот е еден од клучните метали за енергетската транзиција и електрификацијата. Тој додаде дека проектот Иловица претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении и неговото значење се огледува во можноста за отворање нови работни места, зголемување на извозот, приходи во државниот буџет, локален економски

развој и интеграција на земјата во европските синџири за снабдување со критични суровини.

„Македонија сè уште не е активен играч во глобалната трка за критични минерали, но поседува значајни геолошки потенцијали кои можат да ја позиционираат како регионално важен снабдувач на одредени метални суровини. За жал, кај нас сè уште металургијата и рударството не се третираат како стратешки сектори во функција на економскиот развој, енергетската транзиција и интеграцијата во европските синџири на снабдување. Дополнително, иднината на металургијата и рударството кај нас зависи од способноста да се интегрираат еколошките стандарди со еколошко прифаливи и дигитални технологии, како би можеме да обезбедиме конкурентност и да ја позиционираме Македонија како доверлив партнер во европските и глобалните синџири на снабдување со потребните критични метали“, оценува Начевски.

Со европски пари веќе се финансираат проекти за одржливо рударство за критични суровини од Португалија до Финска. Во регионот, со најмногу проекти поддржани од Брисел предничи Грција, а на пат кон реализација е проектот за вториот по големина рудник за бакар во Европа, во Романија, кој исто така е означен како „стратешки“ од страна на Брисел.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни