Останаа неасфалтирани уште 3 километри од патот кој води до депонија Русино. Освен камионите, обичните автомобили тешко можат да стигнат до депонијата. Но иако не е завршен, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, заедно со градоначалниците на Тетово и Гостивар, Арифи и Таравари, отидоа свечено да го пуштат во употреба патот.
Арифи вели дека овој проект се реализира со заеднички договор меѓу општините и локалната самоуправа.
„Со завршувањето или пред завршувањето на градежните работи на патот кон депонијата Русиново, значи станува збор за проект кој се реализира со договор меѓу сите општини од Полог. Сите општини се согласивме овие фондови кои ги имавме да ги обединиме за една цел или за еден заеднички проект“, рече Теута Арифи.
Градоначалникот на Гостивар вели дека овој проект требало да почне и да заврши одамна поради постојаните барања на жителите од овој регион.
„Станува збор за заеднички проект на локалната и централната власт, со посредување на Бирото за развој. Овој проект требаше да се спроведе одамна по барање на локалните жители. Знаете дека депонијата Русиново е регионална депонија која опфаќа 9 општини од Полог“, рече Таравари.
Оваа инвестицијата е во вредност од 26 милион денари, преку програмата за регионален развој и ко-финансирање од општините од полошкиот регион. Се очекува следната година да продолжи втората фаза на градежните активности за да се заврши овој проект. Досега се асфалтирани 2 километри.
РЕПОРТЕР: АФРИМ ЈОНУЗИ