Македонија

Денеска се празнува Преподобен Симеон Столпник – првиот столпник во христијанството

Денеска се празнува Преподобен Симеон Столпник – првиот столпник во христијанството

Православните верници денеска, 14 септември, го одбележуваат споменот на Преподобен Симеон Столпник, еден од најпознатите христијански подвижници и првиот столпник во историјата на христијанството.

Свети Симеон бил роден во Сирија, во сиромашно селско семејство. На 18-годишна возраст го напуштил семејниот дом и се замонашил, посветувајќи го животот на пост, молитва и строг духовен подвиг.

Според црковното предание, тој понекогаш постел и по 40 дена, а подоцна се одлучил на исклучително тежок начин на подвизување – деноноќно стоел на столб и непрестајно се молел. Столбовите на кои престојувал со текот на времето биле сè повисоки, а последниот достигнал височина од 40 лакти.

Околу неговиот столб се собирале луѓе од различни краишта и општествени слоеви – сиромашни и богати, владетели и обични луѓе. Според житието, Свети Симеон исцелувал болни со молитва и збор, им давал утеха и духовни совети на верниците и се спротивставувал на учењата кои Црквата ги сметала за еретички.

Меѓу најпознатите настани поврзани со неговиот живот е преданието според кое ја одвратил царицата Евдокија од Евтихиевата ерес и ја вратил кон православното учење.

Свети Симеон живеел во времето на царевите Теодосиј II, Маркијан и Лав Велики. Според житието, доживеал 103 години и се упокоил во 459 година.

Неговите мошти подоцна биле пренесени во Антиохија, во храм посветен на неговото име.

Името Симеон денеска го слават и сите што го носат ова име.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни