Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го реафирмира своето ветување дека секој полнолетен граѓанин на САД ќе добие „дивиденда“ од 5.000 долари, доколку Републиканската партија освои и задржи мнозинство во двата дома на Конгресот на изборите во почетокот на ноември. Тој ја изнесе изјавата за време на посетата на Ирска.
„По 5.000 долари ќе има сто проценти“, увери Трамп, образложувајќи дека државата инкасира „трилиони и трилиони долари“, додека, како што рече, во времето на Џо Бајден луѓето биле „трактирани многу лошо“. Првпат го најави овој план на партиски собир на републиканците во Далас.
Трамп нагласи дека единствен услов за добивање на 5.000 долари, во случај републиканците да победат, е средствата да се потрошат целосно на територијата на САД со цел поттикнување на домашната економија. Проценките се дека реализацијата на ова ветување би чинела над еден трилион долари, сума приближна на целиот годишен буџет за одбрана на САД, наведува Дојче веле.
Истовремено, Трамп не се обврза да го поддржи потпретседателот Џеј Ди Венс како кандидат на претседателските избори во 2028 година, оценувајќи дека е „премногу рано“ за таква одлука, иако го пофали Венс и додаде дека републиканците имаат „многу одлични луѓе“.
Трамп ги отфрли и анкетите како онаа на Ипсос, според која неговиот рејтинг е рекордно низок од 33 проценти, нарекувајќи ги „лажни“. Тој изјави дека рејтингот му е „добар во Ирска, а одличен во САД“, повторувајќи дека САД се справуваат „многу добро“.