Македонија

Величковски промовира предлог-закон за проширена конфискација: „Криминалниот имот да се конфискува согласно закон“

Величковски промовира предлог-закон за проширена конфискација: „Криминалниот имот да се конфискува согласно закон“

Новата Република го промовира првиот драфт на Законот за проширена конфискација, како дел од своите заложби за зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата и незаконски стекнатиот имот.

Ивон Величковски, по повод првата годишнина од основачкиот конгрес на Новата Република, соопшти дека предлог-законот е дел од поширок концепт за реформи во државата, во кој се вклучени и ветинг во судството, обвинителството, администрацијата и други институции, како и отворање на архивите на поранешните југословенски тајни служби.

Според Величковски, Новата Република се залага за „проширена конфискација на криминалниот имот согласно закон“, со оценка дека владеењето на правото, економскиот развој и безбедноста се меѓусебно поврзани.

„Владеењето на правото го гарантира редот и овозможува просперитет низ претприемништво и инвестиции од земјата, ЕУ и пошироко“, наведува Величковски.

Како дел од својата политичка платформа, Новата Република предлага и проширен опфат на рестриктивните мерки на САД, Обединетото Кралство и Канада, усогласени со европските мерки, како и законско уредување на работењето со криптовалутите.

Величковски критикува дека постојниот политички систем не овозможува доволно силна борба против корупцијата и незаконскиот капитал. Тој оценува дека корупцијата, како што наведува, ги штити нелегалните финансиски интереси и придонесува за одржување на статус-кво.

Меѓу предлозите што ги издвојува Новата Република е и еднократен избор на судии и обвинители во Собранието, со образложение дека успешната борба против корупцијата бара судство и обвинителство со интегритет.

Во економскиот дел од програмата се предлагаат и инвестиции во семејни мали и средни компании, намалување на државната и јавната администрација, како и поголем фокус на железничката и патната инфраструктура долж Коридорите 8 и 10.

Величковски посочува и дека Новата Република се залага за буџетска инвестиција и сопственички удел на Северна Македонија во нуклеарните реактори во Бугарија, со цел, како што наведува, да се обезбеди поевтина електрична енергија за бизнисот и домаќинствата.

Од партијата оценуваат дека нивната политичка визија се темели на „слобода, ред и просперитет“, со еднаквост пред законот, транспарентност на јавните буџети и создавање услови за поконкурентна домашна економија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни