Свет

ЕУ подготвува голема промена за децата на интернет – проверката на возраста станува задолжителна

ЕУ подготвува голема промена за децата на интернет – проверката на возраста станува задолжителна

Европската унија планира досега најсеопфатен пакет мерки за заштита на децата на интернет, кој вклучува и забрана за пристап до социјалните мрежи, платформите за споделување видеосодржини, четботовите со вештачка интелигенција и онлајн игрите за лица помлади од 15 години.

Предлогот доаѓа во период на сè поголема глобална загриженост поради влијанието на големите платформи како „Фејсбук“ и „Инстаграм“ на „Мета“, „ТикТок“, „Јутјуб“ и „ЧетГПТ“ врз здравјето и безбедноста на децата, а се темели на документ на Европската комисија во кој увид имал „Ројтерс“.

Новиот пакет прописи, наречен Акт за децата во ЕУ (EU Kids Act), во четврток официјално ќе го претстават претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и комесарката за технологија Хена Виркунен. Се очекува фон дер Лајен некои детали да ги најави уште во среда, во нејзиниот говор за состојбата на Унијата.

„Целта на Унијата е да им овозможи на малолетниците да го искористат огромниот потенцијал на дигиталните услуги, но истовремено да ги заштити од злоупотреба и експлоатација. Мораме да го ограничиме пристапот на технолошките компании до нашите деца, а не обратно“, се наведува во документот.

Постепен пристап до услугите во зависност од возраста

Предлогот на Комисијата, кој се однесува и на платформите за видеоигри, предвидува воведување постепен пристап до дигиталните услуги во зависност од возраста. Обврските за технолошките компании, исто така, ќе се разликуваат според видот на услугата и возраста на детето.

Според нацртот, младите кои наполниле 15 години ќе можат самостојно да отвораат профили. Децата на возраст од 13 и 14 години ќе можат да побараат од родителите да им отворат воведни профили на социјалните мрежи и видеоплатформите, но со задолжителен родителски надзор, ограничен број контакти и строги временски ограничувања за користење.

За децата од 3 до 12 години профилите целосно би ги контролирале родителите, а би биле наменети исклучиво за услуги со високи безбедносни стандарди, приспособени за деца. На децата помлади од три години пристапот до овие услуги би им бил целосно забранет.

Нови обврски и надоместоци за компаниите

За да се финансира спроведувањето на новите правила и работата на надзорните тела, документот предвидува компаниите да плаќаат посебен надомест за надзор. Нацртот на прописите од компаниите бара и да избегнуваат дизајн кој поттикнува зависност, како и штетни алгоритми.

Тие ќе мора да обезбедат едноставни алатки преку кои децата ќе можат да пријавуваат штетна содржина, како и ефикасни алатки за родителска контрола.

Социјалните мрежи и платформите за споделување видеа ќе мора да ја проверуваат возраста на корисниците при отворање профил. Платформите за онлајн игри ќе мора да ја вршат проверката пред преземањето на игрите.

Европската комисија одби да ги коментира деталите од документот, во кој се наведува дека промените сè уште се можни пред официјалното објавување.

По претставувањето, Комисијата ќе мора да преговара за конечниот текст на предлогот со земјите членки и Европскиот парламент, процес кој ќе трае неколку месеци.

Технолошките компании тврдат дека веќе спроведуваат мерки за заштита и посочуваат дека многу од нив веќе имаат старосна граница од 13 години за отворање профили.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни