4NEWS.mk

ОЕЦД: Властите треба да ги мапираат критичните минерали, Македонија има потенцијал со бакарот и антимонот

ОЕЦД: Властите треба да ги мапираат критичните минерали, Македонија има потенцијал со бакарот и антимонот

Побарувачката за критични минерали достигнува рекордно високо ниво, покажува најновиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Овие минерали имаат значајна улога во развојот на националната одбрана, современите технологии и енергетската транзиција.

Сепак, глобалните инвестиции во геолошките истражувања и развојот на рударски капацитети се соочуваат со предизвици поврзани со ископот и преработката на рудите. Поради тоа, ОЕЦД препорачува властите да го следат потеклото на минералите, сопственоста на клучните капацитети и нивното движење низ синџирот на снабдување.

Според препораките, државите треба да ги утврдат сопствените капацитети и потенцијали во областа на критичните минерали. Ова е особено значајно во услови на зголемена глобална конкуренција за суровини и потреба од поотпорни синџири на снабдување.

Во Северна Македонија во тек се активности за истражување на антимонот во близина на Крива Паланка. Истражувањето е финансиски поддржано преку Стратешкиот дијалог со САД и се реализира на наоѓалиште од кое антимонот се експлоатирал во минатото.

Покрај антимонот, како потврден потенцијал се издвојува бакарот во Иловица, за кој веќе постои инвестициски план. Геолошките истражувања на локацијата започнале со дозволата издадена во 2004 година, а тестирањата покажале искористување од 84 проценти за бакарот.

Според предфизибилити студијата, просечното годишно производство би изнесувало околу 16 илјади тони бакар, со утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда.

Според инвеститорот, рударскиот комплекс Иловица–Штука е планиран како современ рудник кој ги применува принципите на Агендата на ОН 2030 за одржлив развој.

Токму бакарот е еден од металите за кој изминатиов период се почесто се зборува на светско ниво, поради рекордните цени поттикнати од високата побарувачка на индустријата. Овој проблем резултира и со несекојдневни чекори помеѓу конкурентски компании кои веќе започнаа да потпишуваат и Меморандуми за соработка за проекти за ископ на бакар. Австралиската компанија BHP, најголемата светска рударска компанија, и KGHM – Полска, ги здружија силите во потрагата по нови наоѓалишта на бакар ширум светот. KGHM е вториот најголем светски производител на сребро и најголемиот производител на бакар во Европската Унија, со активности во Полска, како и во САД, Канада и Чиле. BHP управува со големи рударски и ресурсни проекти низ Австралија, Канада, Чиле, Перу, Бразил и Соединетите Американски Држави.

„На светот ќе му биде потребен повеќе бакар, поради традиционалниот економски раст, но и енергетската транзиција и дигиталните инвестиции. Фокусирани сме на остварување раст со висок принос преку иновативни партнерства како ова“, изјави Брендон Крејг, извршен директор на BHP.

„Меморандумот за разбирање обезбедува платформа за соработка меѓу KGHM и BHP и го одразува нашиот заеднички интерес за размена на гледишта и истражување на потенцијални можности за идна соработка. Размената на искуства меѓу рударските компании што работат во различни региони и јурисдикции би можела да донесе придобивки за целата индустрија“, оцени Ана Собиерај-Козакјевич, потпретседателка на KGHM.

Инаку, за да се надминат проблемите со потеклото и недостигот од критични минерали, ОЕЦД препорачува повеќе мерки.

„Сегашните алатки за следење на критични минерали остануваат фрагментирани, при што многу системи се развиваат во рамките на поединечни компании, а не преку сеопфатни рамки достапни низ целата индустрија. Таа фрагментација може да оневозможи да се дознае кој ги контролира критичните минерали. Трговците имаат највисоки стапки на имплементација на системи за следење, додека рударите имаат најниски. Компаниите, исто така, се соочуваат со трошоци и оперативни проблеми. Испитаниците во анкетата на OECD рекоа дека главен приоритет треба да биде поголема регулаторна конзистентност и споделувањето на податоците помеѓу земјите, со компаниите и со јавноста“, се потенцира во извештајот.

На краток рок, Организацијата бара владите повеќе да ги користат системите што им се на располагање – да ги мапираат добавувачите и билатералните договори за минерали. На среден рок, властите ќе треба да ги зајакнат податоците, ангажирајќи се повеќе со производителите, берзите и топилниците. Долгорочните мерки би барале меѓународна соработка за споделување на податоци за прекугранично следење и усогласување на стандардите. ОЕЦД соопшти дека клучна е соработката и меѓу организациите, вклучувајќи ги Г7 и Меѓународната агенција за енергетика, заедно со трговските партнери, како и Европската Унија.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни