Македонија

Продолжи судењето за Државна лотарија: Бајрами и Авдиу се изјаснија дека не се виновни

Продолжи судењето за Државна лотарија: Бајрами и Авдиу се изјаснија дека не се виновни

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи почетокот на судскиот процес за случајот со наводната проневера на околу 9,7 милиони евра во Државна лотарија, откако во постапката се изјасни и осмиот обвинет Башким Авдиу.

Пред судот, обвинетите Артан Груби, Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски веќе се изјаснија дека не се виновни. Вината ја отфрли и Перпарим Бајрами, кој од 9 септември се наоѓа во притвор во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.

Во предметот, мерка куќен притвор му е определена само на Груби. Бидејќи постапката се води по обвинителен предлог, роковите се скратени, па се очекува мерката да биде укината по истекот на еден месец, доколку не биде продолжена.

Од Скопското обвинителство информираат дека против Бајрами се водат уште четири истраги за злоупотреба на службената положба и овластување. Во нив се прибираат докази и се вршат вештачења.

Груби и Бајрами во декември 2024 година ја напуштија земјата и заминаа во Косово. Груби се врати и се предаде во февруари 2026 година, додека Бајрами е во притвор од почетокот на септември.

На обвинетите им се става на товар кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5, во врска со ставовите 4 и 1, како и член 22 од Кривичниот законик. Според обвинителниот предлог, делата биле извршени во текот на 2023 и 2024 година, а предвидената казна е затвор од една до пет години.

Со прецизираниот обвинителен предлог, наводната штета е зголемена од првично утврдените околу 8,2 милиони на околу 9,7 милиони евра.

Според Обвинителството, обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали, како и самостојно приредување електронски игри на среќа, иако правото за тоа претходно било доделено на компанијата „Казинос Австрија“.

Обвинителството тврди дека Груби претседавал со владината седница на која била усвоена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.

Адвокатот кој ја застапува Државна лотарија како оштетено правно лице изјави дека друштвото има побарувања, но дополнително ќе одлучи дали ќе ги бара во рамките на кривичната постапка или преку посебна граѓанска парница.

Во обвинителниот предлог се наведува дека обвинетите биле свесни оти Државна лотарија немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали, бидејќи во 2013 година тоа право било внесено како непаричен влог при основањето на Друштвото за приредување игри на среќа „Државна видеолотарија на Република Македонија – Казинос Австрија ДОО Скопје“.

Вредноста на непаричниот влог била 6.244.898 евра, а Државна лотарија во новоформираното друштво стекнала удел од 51 процент.

И покрај тоа, според обвинителниот предлог, Бајрами, во својство на генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, на 9 мај 2023 година доставил информација до тогашниот генерален секретар на Владата Методија Димевски за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа.

Во информацијата било наведено дека вредноста на набавката изнесува 42 проценти од сметководствената вредност на имотот на друштвото и дека станува збор за голема зделка, за чие одобрување бил надлежен надзорниот одбор.

Според Обвинителството, Димевски на 6 јуни 2023 година ја предложил информацијата како дополнување на дневниот ред на владина седница, иако, како што се наведува во обвинителниот предлог, бил должен да ја врати до подносителот или да ја препрати до надлежниот орган.

Груби, според обвинителните наводи, во својство на одговорно лице и претседавајќи со седницата на Владата во својство на собрание на Државна лотарија, предложил точката да биде усвоена, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата.

Со усвојувањето на информацијата, Државна лотарија била задолжена да преземе активности за започнување со самостојно приредување електронски игри на среќа и да спроведе јавна набавка на видеолотариски терминали.

Обвинителството тврди дека останатите обвинети, како претседател и членови на Надзорниот одбор, иако биле запознаени со постапката, донеле одлука со која било одобрено започнувањето на јавната набавка.

Набавката потоа била реализирана, а според Обвинителството, со преземените обврски за исплата на Државна лотарија ѝ била нанесена штета од околу 9,7 милиони евра.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни