4NEWS.mk

Европа бара независност од увозот на минерали – бакарот од Иловица дел од стратешкиот потенцијал на Македонија

Европа бара независност од увозот на минерали – бакарот од Иловица дел од стратешкиот потенцијал на Македонија

Европа ќе работи на создавање сопствени резерви на критични суровини преку нова Европска корпорација за критични минерали. Ова го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласувајќи дека пристапот до стратешки материјали е важен за индустрискиот развој, независноста и безбедноста на Европската Унија.

Во обраќањето пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен истакна дека Унијата мора да ја намали зависноста од Кина и од другите надворешни пазари. Таа посочи дека зависноста кај голем број критични суровини надминува 80 проценти, а кај некои ретки земјени метали достигнува и до 90 проценти.

Новото европско тело ќе има задача да помогне во набавката и складирањето на минералите потребни за електрични возила, батерии, чипови, чисти технологии и одбранбената индустрија.

„Ниту една земја не може да го стори тоа сама. Затоа, треба да размислуваме поинаку“, нагласи Фон дер Лајен.

На листата на критични суровини важна улога има и бакарот, кој е неопходен за електрификацијата и развојот на современата инфраструктура. Македонија располага со бакар во наоѓалиштето Иловица–Штука, што претставува дел од нејзиниот минерален потенцијал во услови на растечка европска побарувачка.

Претходно, дел од европските аналитички центри повикаа и земјите кандидатки од Западен Балкан да бидат поканети да учествуваат активно во политиките за критичните минерали на ЕУ. Засега официјална покана нема, но и онака Македонија не може да се пофали дека експлоатира големи количини на критични минерали иако ги поседува. Во моментов се истражуваат резервите на антимон, но најголема извесност за ископ на критични суровини има во потврденото наоѓалиште на бакар во Иловица. Неодамна и од локалната иницијатива „И здравје и работа“ ги повикаа институциите да гледаат на проектот „Иловица–Штука“ низ призмата на долгорочниот државен интерес, а не низ дневнополитички притисоци. Според нив, рударските проекти од стратешко значење за Македонија не смеат да бидат предмет на политички уцени, притисоци и блокади од страна на мали организирани групи. 

„Сметаме дека една мала група не смее да има право да ја блокира економската иднина на цела држава. Денес, кога цената на бакарот достигнува историски високи нивоа и кога Европа активно бара сигурни извори на критични минерали, Македонија има можност да го искористи сопствениот минерален потенцијал. Бакарот е клучен за електроенергетските мрежи, електричните возила, обновливите извори на енергија и развојот на современата дигитална инфраструктура. Во такви услови, Иловица–Штука не може да се третира само како локално или политичко прашање, особено што станува збор за ресурс со пошироко економско и стратешко значење“, соопштија од иницијативата.

Изминатиов период и дел од експертската јавност оцени дека сега е моментот Македонија да се приклучи кон она што го прави Европа во однос на политиките и активностите за критичните минерали. Според универзитетскиот професор Ѓорѓи Димов, живееме во критично време кога се води борба за ресурси и нашата иднина зависи од тоа како ги менаџираме.

„Сега имаме проблем и тој е најчесто поврзан со геополитичките случувања и со синџирите на снабдување. Имаме проблем кога концентратите или металите не можат да стигнат до Европската Унија. Еве на пример, во Јемен повторно Хутите како милитантна организација освоиле еден град на влезот во Црвено Море. Тоа може да продуцира криза поради која пет дена нема да има транспорт во морето. Ако тоа трае подолго, ќе треба да се кружи цела Африка за да дојдеме до големите европски агрегати каде што треба да се пласираат тие производи. Токму затоа Европа реши дека треба повторно да се врати на совјата минерална база, на своите минерални суровини и со Директивата за критичните минерални суровини, којшто е донесен во 2023 година и имплементиран комплетно од Европскиот Парламент во пролетта 2024 година, веќе се ограничува и за колку време се издаваат дозволи, лиценци за отворање на рудници, за отворање на постројки за рециклирање… Таму точно се регулира колку проценти до 2030 година треба да се произведуваат во Европа, колку може да се увезат, од каде можат да се увезат“, изјави Димов.

Инаку, проектот во Иловица предвидува производство до 16.000 тони бакар годишно и е инвестиција од околу 350 милиони евра во првите две години од изградбата. Ова претставува и можност Македонија да стане дел од европските синџири на снабдување со критични суровини, особено со понуда на бакар, кој периодов руши ценовни рекорди и се приближува до вредност од 15 илјади долари за тон.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни