Македонија

Два дена проблеми со регистрација на возила: Не стигнуваат кодови, МВР потврди технички пречки

Два дена проблеми со регистрација на возила: Не стигнуваат кодови, МВР потврди технички пречки

Граѓани од повеќе градови во источниот дел на Македонија веќе втор ден се соочуваат со проблеми при регистрацијата на возила, откако системот на Министерството за внатрешни работи не ги испраќа потребните верификациски кодови преку СМС и електронска пошта.

До редакцијата на 4news.mk се обрати гледач кој информира дека проблеми има во Берово, Делчево и Кочани, како и во други делови од источниот регион.

„Системот на МВР за регистрација на возила не функционира веќе два дена и не можеме да ги регистрираме возилата. Според новите правила треба да пристигнат кодови за верификација преку СМС и електронска пошта, но тие воопшто не пристигнуваат“, се наведува во информацијата доставена до нашата редакција.

4news.mk побара одговор од Министерството за внатрешни работи за причините за проблемите, нивниот обем и кога се очекува системот повторно да функционира нормално.

Од МВР потврдија дека станува збор за технички пречки.

„Во врска со Вашето барање, Ве информираме дека се регистрирани технички пречки во системот за регистрација на возила, поради што има проблеми со испраќањето на верификациски кодови. Надлежните служби работат на отстранување на пречките и нормализирање на функционирањето на системот“, велат од МВР за 4news.mk.

Од Министерството не прецизираат дали проблемот е присутен и во други делови од државата, ниту наведуваат конкретен рок до кога се очекува целосно нормализирање на системот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни