Во живо Live емисија Гледај
Македонија

„Нашата болка секој ден е сè поголема, а луѓето нè гледаат како ние да сме виновни“ – потресни сведоштва на татковците од Кочани

„Нашата болка секој ден е сè поголема, а луѓето нè гледаат како ние да сме виновни“ – потресни сведоштва на татковците од Кочани

„Нашата болка секој ден станува сè поголема. Потребна ни е долготрајна психолошка помош, бидејќи ова е нешто со кое ќе живееме со години.“ Со овие потресни зборови Александар Наунов, татко на загинато дете во дискотеката „Пулс“ во Кочани, ја опиша секојдневната борба на семејствата кои ги загубија своите најблиски.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Наунов истакна дека психолошката поддршка е од огромно значење за родителите, кои секојдневно се обидуваат да најдат барем малку утеха во својата загуба.

Тој изрази благодарност до стручните лица од „Малинска“, посочувајќи дека токму таму родителите пронашле сигурност, разбирање и професионална помош.

„Таму сме најбезбедни и имаме поддршка. Мислам дека таа помош ќе ни биде потребна со години, бидејќи нашата болка секој ден е сè поголема. Се обидуваме да најдеме утеха, барем малку да ни ја олеснат болката“, рече Наунов.

Томче Стојанов, исто така татко на загинато дете, потврди дека стручните лица постојано се во контакт со семејствата, дури и преку телефон и пораки, и им стојат на располагање кога им е најтешко.

Но, Стојанов изрази длабоко разочарување од односот на дел од сограѓаните во Кочани, посочувајќи дека наместо сочувство и разбирање, родителите понекогаш се соочуваат со осуда и дистанцирање.

„Кога ќе нè видат, како ние да сме виновниците за катастрофата, како ние да сме проблемот за некого. А оние што го создале проблемот слободно се движат низ градот, додека ние одиме со наведнати глави и живееме со спомените на нашите деца“, истакна Стојанов.

Двајцата татковци порачаа дека психолошката поддршка е неопходна, но дека на семејствата им недостигаат и човечка блискост, солидарност и разбирање од средината во која живеат.

За родителите од Кочани, загубата не завршува со поминувањето на времето. Нивната болка останува секојдневие, а потребата од поддршка и сочувство е поголема од кога било.

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни