Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервју за МИА за време на работната посета на Вашингтон, испрати директна порака до структурите кои бараат радикални чекори и еднострано раскинување на меѓународните договори во односите со Бугарија, нагласувајќи дека таквиот пристап е нереален во актуелните меѓународни околности.
Одговарајќи на прашањето за разговорите со европските и американските партнери околу блокадата од источниот сосед, премиерот подвлече дека темелно ја согледува реалноста на меѓународната сцена, дистанцирајќи се од барањата за целосен прекин на преговорите.
„Јас не сум од оние луѓе коишто брзоплето ги прават работите во политиката. Свесен притоа за реалноста, свесен за погрешната политика во минатото, од претходните влади. Од друга страна, очекувањата на некои радикални елементи во нашата структура за повлекување од меѓународни договори и преговори – тоа би било идеално доколку сме ние сами на овој свет, но не сме сами и мораме да се бориме да ги повратиме загубените позиции кои во минатото, за жал, претходната влада ги минираше“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека стратегијата на Владата не се потпира на инает, туку на аргументирана дипломатска борба за презентирање на домашните позиции пред меѓународните соговорници.
„Подготвени сме да аргументираме, подготвени сме, ако аргументите на соговорникот ги совладаат нашите аргументи, да ги прифатиме. Не се инаетиме, не сме тврдоглави. Но, она што претставува наша цел е нашата стратегија, нашата вистина да ја презентираме на најдобар начин на којшто можеме и преку една политичка дебата, една политичка борба на меѓународната сцена да вратиме дел од позициите коишто претходните влади ни ги загубија“, нагласи премиерот.
Дијалог со Бугарија само со „трет на масата“
Мицкоски потенцираше дека земјата веќе влегува во сериозен фокус кај европските партнери и најави дека нема да влегува во процес без јасно дефиниран и предвидлив крај. Според него, клучен предуслов за каков било напредок е градењето меѓусебна доверба, што подразбира волја од двете страни.
Во однос на форматот на идните разговори за усогласување на акцискиот план за малцинствата, премиерот беше дециден дека Македонија бара задолжително присуство на претставник од меѓународната заедница, со цел да се избегне замката прашањето да остане исклучиво на билатерално рамниште.
„Ќе го водиме процесот паралелно, подготвени сме да разговараме за усогласување на акцискиот план за малцинства, се разбира во присуство на меѓународната заедница, бидејќи ако водиме дијалог само со нашиот источен сосед, тогаш се потврдува она што ние велиме дека е билатерално прашање. Се плашам дека таков дијалог е дијалог на луѓе кои можеби нема да успеат да се слушнат на вистински начин. Затоа ценам дека е потребно да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник можеби од страна на Европската Унија“, дециден е Мицкоски.
Шефот на владата заклучи дека паралелно со овие дипломатски напори продолжува реализацијата на домашните реформи предвидени со Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија.