Голема полициска акција е во тек на подрачјето на Скопје – Чаир, Тетово и Гевгелија, насочена кон разбивање на криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и додатоци во исхраната, како и за коруптивни кривични дела.
Неофицијално, шест лица се уапсени, се трага по уште неколкумина, меѓу кои и вработени во Царинската управа.
Претреси се вршат на повеќе од десет локации во наведените градови. Во Скопје и Тетово, при претрес на правен субјект, бил пронајден магацин со различни медицински лекови и машина за екстракција на масло.
Според Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за сузбивање на организираниот криминал при Бирото за јавна безбедност, постапката се води по сомнение за криумчарење, повреда на права од индустриска сопственост, давање и примање поткуп и перење пари.
Истрагата продолжува, а јавноста ќе биде информирана по завршување на претресите и целосното документирање на случајот.