Македонија

Почина Тонкица Митровска, една од основоположниците на македонската анимација

Почина Тонкица Митровска, една од основоположниците на македонската анимација

Македонската филмска и уметничка сцена остана без уште едно значајно име. На 78-годишна возраст почина Тонкица Митровска, една од пионерките на македонскиот анимиран филм и долгогодишна членка на Друштвото на филмските работници на Македонија.

Веста за нејзината смрт ја објави Друштвото на филмските работници на Македонија, од каде што со почит се простија од Митровска, истакнувајќи го нејзиниот значаен придонес кон македонската кинематографија.

Митровска е родена во 1948 година и била дипломиран графичар. Таа била дел од познатата „Скопска анимирана школа“, која се развивала во рамките на Студиото за анимација на „Вардар филм“.

Во текот на својата долгогодишна кариера соработувала со повеќе истакнати македонски автори и режисери. Како аниматор, фазер и цртач учествувала во создавањето на повеќе од 20 анимирани филмови, со што дала значаен придонес во развојот на македонската анимација и нејзиниот препознатлив визуелен израз.

За нејзиниот професионален ангажман и придонес кон филмската уметност, Друштвото на филмските работници на Македонија во 2021 година ѝ ја доделило наградата „Златна рамка“.

Во 2023 година, нејзиниот долгогодишен творечки опус бил одбележан и со признанието „Златен објектив“, кое го доделува Кинотеката на Македонија.

Од Друштвото на филмските работници велат дека со нејзиното заминување македонската филмска сцена изгубила исклучителен професионалец и предан колега, а нејзиното творештво останува дел од историјата на домашната кинематографија.

„Македонската филмска фела изгуби извонреден професионалец, предан колега и тивок уметнички генијалец чиј ведар дух и скромност беа инспирација за генерации филмски автори. Нејзиното дело останува трајно вградено во колективната културна меморија и во темелите на нашата кинематографија“, се наведува во соопштението на Друштвото на филмските работници.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни