Македонија

Мацинка: Македонија предолго чека, застојот ги поткопува и стратешките интереси на ЕУ

Мацинка: Македонија предолго чека, застојот ги поткопува и стратешките интереси на ЕУ

Северна Македонија предолго чека на напредок во процесот на европска интеграција, а продолжувањето на застојот не е проблем само за земјата, туку ги поткопува и стратешките интереси на Европската Унија во регионот, порача чешкиот министер за надворешни работи Петр Мацинка на состанокот на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Њујорк.

Мацинка потсети дека во август ја посетил Македонија, каде што за пристапниот процес разговарал со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и со премиерот и претседателката на државата.

„Северна Македонија предолго чека. Продолжувањето на стагнацијата не е само нивен проблем. Тоа ги поткопува и стратешките интереси на Европската Унија во регионот“, порача Мацинка.

Според него, токму групата „Пријатели на Западен Балкан“ треба да има поактивна улога и да не остане само форум за размена на ставови и повторување на поддршката за проширувањето.

Мацинка оцени дека треба да се идентификуваат конкретните пречки во евроинтегративниот процес и, каде што е можно, да се помогне тие да бидат отстранети.

Тој нагласи дека кредибилното проширување подразбира одговорност од двете страни. Земјите кандидати, како што рече, мора да ги спроведуваат реформите, преземените обврски и да ги решаваат проблемите што стојат на патот кон членството, додека ЕУ и нејзините земји членки треба да обезбедат процесот да биде фер, предвидлив и заснован на заслуги.

Чешкиот министер истакна дека полноправното членство во ЕУ мора да остане крајната цел за земјите од Западен Балкан и се спротивстави на идеи тоа да биде заменето со преодни модели кои би ја замаглиле разликата меѓу земјите кандидати и членките.

Како позитивни примери ги посочи Црна Гора, која се приближува кон завршните фази од пристапните преговори, и Албанија, за која рече дека постигнала значителен напредок. Нивниот успех, според Мацинка, треба да покаже дека политиката на проширување на ЕУ е жива и може да даде конкретни резултати.

Состанокот на „Пријателите на Западен Балкан“ се одржа во Њујорк на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, а домаќин беше италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани. Форматот ги обединува земјите членки на ЕУ кои го поддржуваат европскиот пат на државите од Западен Балкан.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни