ФИНКИ, во соработка со студентите и професорите од Факултетот, работи на изработка на нова, современа платформа за детекција на плагијати и неовластено препишување при изработката на научни и дипломски трудови. Ова го соопшти министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во гостувањето на 4ТВ, истакнувајќи дека новиот систем ќе користи вештачка интелигенција.
Јаневска појасни дека постојниот систем за проверка на плагијати се користи веќе со години, но новата платформа ќе претставува модерно решение кое гарантира целосна безбедност и прецизност при утврдувањето на евентуални злоупотреби или купување готови трудови преку интернет.
„Професорите и студентите од ФИНКИ овој проект го изработуваат бесплатно и во корист на државата. Според договорот, новата платформа треба да биде целосно подготвена и ставена во функција до крајот на следната година, по што јавно и транспарентно ќе биде презентирана“, истакна министерката.