Од 1 јануари 2027 година треба да започне примената на нови законски решенија за административните службеници, со кои се предвидува и систем на менторство за нововработените.
Ова го најави министерот за јавна администрација Горан Минчев во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Минчев рече дека менторството треба да им помогне на новите вработени полесно да се вклучат во работните процеси.
„За оние кои што навистина сакаат да се вклучат во процесот, обезбедуваме менторство“, рече тој.
Според министерот, менторот ќе има задача да му посвети внимание на нововработениот и да му помогне во совладувањето на работните задачи.
Покрај менторството, со новите законски решенија е предвидена и Академија за обука и едукација на службениците во јавниот сектор.
Минчев вели дека преку академијата ќе се работи и на дополнителна едукација на постојните кадри, со цел тие да можат да се прераспределат таму каде што има потреба од кадар.
Според него, на тој начин дел од потребите во институциите би можеле да се покријат без нови вработувања.