Со измените во Законот за инспекциски надзор веќе заштедивме околу 300.000 евра од буџетот преку укинување на непотребни функционерски позиции, а следниот чекор е новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа, истакна министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Минчев посочи дека пилот-проектот со враќањето на сите инспекторати под ингеренција на Министерството за јавна администрација се покажал како успешен модел.
„Ги скративме таканаречените функционерски позиции кои беа чист партиски кадар и непотребен трошок за државата. Вработените ги преземавме бидејќи станува збор за стручни јавни службеници. Со оваа рационализација заштедивме околу 300.000 евра во буџетот“, изјави Минчев.
Новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа, кој е веќе поставен на ЕНЕР и испратен до сите министерства, ќе донесе јасна категоризација и дефинирање на надлежностите на сите државни органи. По неговото донесување ќе следува детален зафат за анализа на оправданоста на сите институции.
„Во Македонија постојат институции кои имаат еден директор, тројца членови на управен одбор и само еден вработен, а вршат иста или слична дејност со некоја друга установа. По соодветна анализа, таквите институции ќе бидат споени, со што ќе се укинат низа директорски и заменички места“, нагласи министерот, додавајќи дека ова ќе опфати и усогласување на уште 20 до 30 матични закони.
Законот се носи со двотретинско мнозинство, поради што Минчев најави транспарентен процес со јавни расправи за сите политички чинители, невладини организации и експерти, а финалната дебата ќе се одржи во Собранието, во Комисијата за политички систем. Очекувањата се законитот да ги мине сите собраниски процедури до 31 декември, за што веќе се контактирани и опозициските партии за да достават свои сугестии.