Претседателот Володимир Зеленски изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп одлучил на Украина да ѝ додели лиценци за производство на ракети за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“. Зеленски рече дека Трамп лично му го потврдил тоа за време на нивната средба во Њујорк.
„Постојат конкретни договори. На нашата последна средба, претседателот Трамп ми потврди: ‘Да, донесов конечна одлука. Украина ќе добие лиценци за производство на ракети „Патриот“’“, изјави Зеленски пред новинарите.
Стејт департментот: Одлуката сè уште не е донесена
По изјавата на украинскиот претседател, американскиот Стејт департмент соопшти дека САД сè уште немаат донесено конечна одлука за доделување лиценци на Украина.
Самиот Трамп на 31 јули, коментирајќи ја можноста за таква одлука, изјави дека САД „мора да бидат многу внимателни“ по ова прашање.
Зеленски претходно изјави дека Украина постигнала договор за испорака на еден пакет ракети за системите „Патриот“, што е одделно прашање од лиценците за нивно производство.