Македонија

Тошковски: „Безбеден град“ во Охрид, Струга, Кичево и Дебар од 12 октомври

Тошковски: „Безбеден град“ во Охрид, Струга, Кичево и Дебар од 12 октомври

Системот „Безбеден град“ треба да започне со примена на целото подрачје на СВР Охрид од 12 октомври, а соработката со ФРОНТЕКС заедничките активности да ги прошири и кон западната граница на земјава од почетокот на идната година, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тошковски денеска оствари работна посета на СВР Охрид и Регионалниот центар за гранични работи Запад, каде со раководствата разговараше за безбедносната состојба, тековните активности и приоритетите во работењето.

Во СВР Охрид, акцентот бил ставен на завршните подготовки на командниот центар, кој е неопходен за практична примена на системот „Безбеден град“. Според Тошковски, активностите се во завршна фаза, а во наредните две недели треба да бидат завршени преостанатите работи.

„Во завршна фаза сме со уредувањето на командниот центар во СВР Охрид, кој е неопходен за да започнеме со практична примена на ‘Безбеден град’. Начелно се договоривме со раководството дека ќе бидеме подготвени системот да започне со примена од 12 октомври на целата територија на СВР Охрид“, изјави Тошковски.

Со проширувањето ќе бидат опфатени Охрид, Струга, Кичево и Дебар.

„Безбеден град“ досега се воведува на други подрачја, а според најавите на МВР, со неговото активирање во западниот регион треба да се овозможи дополнително унапредување на полициското работење и безбедноста.

На состаноците било разговарано и за резултатите во борбата против криминалот и корупцијата, спречувањето на нелегалната трговија и дистрибуцијата на дрога, одржувањето на јавниот ред и мир, како и за безбедноста во сообраќајот.

При посетата на Регионалниот центар за гранични работи Запад, Тошковски информираше и дека соработката со ФРОНТЕКС ќе биде проширена и на западната граница.

Според него, досега заедничките активности со ФРОНТЕКС се спроведувале на јужната граница, а новиот договор предвидува нивно проширување и кон западниот дел од државата. Почетокот на активностите се очекува на почетокот на 2027 година.

„За првпат е договорено ФРОНТЕКС, во рамки на соработката што ја имаме со Европската Унија, своите активности да ги насочи и кон западната граница, а не само кон јужната како досега. Очекуваме заедничките активности да започнат на почетокот на идната година, со што ќе обезбедиме дополнителни капацитети и подобра контрола на западната граница, пред сè кон Република Албанија“, рече Тошковски.

Од МВР посочуваат дека продолжуваат активностите за модернизација на полициското работење, зајакнување на граничната безбедност и унапредување на капацитетите на полициските служби.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни