Музика и Филм

Силно невреме и политички скандал: Откажани концертите на Ед Ширан по хаосот со Меклмор

Силно невреме и политички скандал: Откажани концертите на Ед Ширан по хаосот со Меклмор

Викенд-концертите на британскиот музичар Ед Ширан на стадионот „Жилет“ беа откажани поради лошите временски услови, соопштија во петокот од објектот во сопственост на милијардерот Роберт Крафт. Оваа одлука доаѓа во време кога турнејата веќе се наоѓа во центарот на сè поголеми контроверзии поради улогата на Крафт во отстранувањето на раперот Меклмор од американскиот дел од турнејата поради неговата поддршка за Палестина изразена на сцената.

Организаторите ги отповикаа настапите закажани за петок и сабота навечер по консултации со локалните власти, промоторот и тимот на турнејата, повикувајќи се на предупредувањата за опасно невреме во Бостон и низ регионот на Нова Англија.

„Одлуката е донесена со цел безбедноста на обожавателите, персоналот и сите вклучени во шоуто да биде врвен приоритет“, наведуваат од стадионот, додавајќи дека паричните средства за влезниците ќе им бидат рефундирани на купувачите.

Откажувањето следува откако турнејата на кантри-поп ѕвездата минатата недела влезе во криза за слободата на говорот и конфликтот во Газа. Роберт Крафт, сопственикот на тимот од НФЛ „Њу Ингланд Патриотс“, објави дека нема да му дозволи на Меклмор да настапи на неговиот стадион како предгрупа.

Меклмор преку Инстаграм потврди дека е отстранет од преостанатите настапи во САД, упатувајќи директни критики до Крафт. Раперот тврди дека милијардерот извршил притисок врз други сопственици на стадиони и му поставил ултиматум на Ширан: „Ако Меклмор остане на турнејата, нема да ви биде дозволено да настапувате во нашите објекти“.

Крафт подоцна потврди дека планирал да му го забрани доаѓањето на Меклмор на стадионот „Жилет“, изјавувајќи дека причина за тоа се „постапките на раперот, пораките пренесени од сцената за време на концертите во Њу Џерси, како и пошироката историја на антисемитска реторика“.

По одлуката за Меклмор, останатите предгрупи и придружниот бенд на Ширан поднесоа оставки во знак на солидарност. Ширан го отвори својот минат концерт во Филаделфија со извинување до публиката за „грешките што биле направени“.

Покрај концертите на Ширан, силните дождови и ветрови предизвикани од невремето на источното крајбрежје доведоа и до откажување на тридневниот музички фестивал „Oceans Calling“ во Мериленд, бидејќи високите бранови и поплавите го оневозможија поставувањето на сцената.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни