Довербата во меѓународните институции не се создава со резолуции, туку со резултати, порача премиерот Христијан Мицкоски во завршницата од своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации.
„Довербата не е чувство или резолуција. Таа е резултат. Таа се гради кога една институција ја исполнува целта за која е создадена“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека е потребна реформа на Обединетите нации за организацијата да стане поспособна и поефикасна, при што националните држави треба да ја задржат својата одговорност.
„Довербата не започнува во Њујорк. Таа започнува со квалитетот на државите што доаѓаат во Њујорк“, порача премиерот.
Во говорот тој ја нагласи и потребата од зачувување на меѓународниот поредок заснован на правила, особено за малите држави.
Мицкоски предупреди дека алтернативата на свет управуван од правила не е свет во кој сите се слободни, туку свет во кој најсилните имаат најголема слобода, а останатите зависат од нивната добра волја.
Во завршната порака тој се врати на детето кое го спомена на почетокот на говорот, посочувајќи дека денешната генерација можеби не може да му гарантира свет без кризи, но може да остави свет во кој моќта не е единствениот аргумент и во кој и малите држави имаат право на еднакво достоинство, правила и глас.