Свет

Во ЕУ лани зголемен бројот на смртни случаи при несреќи на работа

Во ЕУ лани зголемен бројот на смртни случаи при несреќи на работа

Бројот на несреќи при работа со смртен исход во Европската Унија се зголемил во 2024 година, и покрај тоа што истовремено е забележано намалување на бројот на несреќи без смртни последици.

Според податоците на Евростат, во 2024 година во земјите од ЕУ биле регистрирани 3.367 несреќи при работа со смртен исход, што е за 45 случаи или 1,4 отсто повеќе во споредба со 2023 година. Податоците се објавени на 25 септември.

Во истиот период биле евидентирани околу 2,78 милиони несреќи при работа без смртен исход. Во однос на 2023 година, нивниот број се намалил за 1,5 отсто, односно за 43.742 случаи.

Најголем број смртни случаи на работното место биле регистрирани во градежниот сектор – 776. Следуваат секторите транспорт и складирање со 537 смртни случаи и преработувачката индустрија со 466. Во градежништвото, бројот на смртни случаи е намален во споредба со 2023 година, кога биле регистрирани 802.

Кога станува збор за несреќите без смртен исход, најголем број случаи биле евидентирани во преработувачката индустрија – 509.851. На второ место е градежништвото со 352.520 случаи, а потоа следуваат трговијата на големо и мало, како и поправката на моторни возила и мотоцикли, со 345.282 случаи.

Од Евростат појаснуваат дека станува збор за вкупни бројки по сектори, поради што при нивното споредување треба да се земе предвид и големината на одделните сектори.

Според методологијата на статистиката, како несреќа при работа без смртен исход се евидентира случај што предизвикува најмалку четири цели календарски дена отсуство од работа.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни