По повеќе од триесет часа потрага, спасувачките екипи на противпожарната служба на Грција ги пронајдоа и извлекоа телата на шесте лица кои се водеа како исчезнати по вчерашната експлозија во двокатна зграда во атинската населба Плака. Со тоа заврши операцијата за пребарување и спасување, која започна веднаш по експлозијата во петок наутро.
Од шесте жртви, четворица биле туристи, а двајца станари на објектот. Според информациите на Македонската информативна агенција (МИА), меѓу загинатите се тројца државјани на Соединетите Американски Држави со албанско потекло и уште еден американски државјанин, кои престојувале во објект што функционирал како сместувачки капацитет, како и 77-годишна Гркинка и 78-годишен Британец.
Експлозијата се случила во петок околу 7.45 часот, а првичните информации упатуваат дека најверојатно била предизвикана од истекување на природен гас. По силниот удар, зградата целосно се урнала.
Во операцијата учествувале триесет пожарникари со шест возила, меѓу кои и две специјализирани спасувачки возила, како и три кучиња обучени за пребарување и спасување. Екипите користеле геофони и камери за лоцирање на лицата под урнатините.
Од грчката противпожарна служба соопштија дека пред експлозијата немало пријава за миризба на гас во областа. Во меѓувреме, специјализирани служби продолжуваат со истрагата за утврдување на причините и околностите што довеле до експлозијата, пожарот и уривањето на објектот. Истражните дејствија се водат под насоки на надлежното обвинителство во Атина, во соработка со останатите надлежни органи.