Македонија

Бензините поскапуваат, дизелот поевтинува за 4,5 денари – нови цени од полноќ

Бензините поскапуваат, дизелот поевтинува за 4,5 денари – нови цени од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука со која просечните малопродажни цени на нафтените деривати се намалуваат за 1,06 отсто во однос на претходната одлука од 21 септември.

Новите цени ќе важат од полноќ, односно од 00:01 часот на 29 септември.

Бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за по еден денар за литар. ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по максимална цена од 100 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе чини 102 денари за литар.

Значително поевтинува дизелот. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС се намалува за 4,50 денари за литар, со што новата максимална цена ќе изнесува 100 денари за литар.

Екстра лесното масло за домаќинство поевтинува за три денари и ќе се продава по 111,50 денари за литар.

Цената на мазутот се намалува за 0,196 денари за килограм и ќе изнесува 49,882 денари за килограм.

Според РКЕ, во споредба со претходната пресметка, референтните цени на бензините на светскиот пазар се зголемиле за 0,049 отсто, додека кај дизелот е регистрирано намалување од 6,734 отсто. Кај екстра лесното масло намалувањето е 4,936 отсто, а кај мазутот 1,630 отсто.

Истовремено, курсот на денарот во однос на доларот, според кој се врши пресметката, бил повисок за 0,9522 отсто.

Во пресметката е применета и владината одлука за намалена стапка на ДДВ од 10 отсто за ЕУРОДИЗЕЛ, како и намалување на акцизата за четири денари за литар кај двата вида бензини и кај дизелот.

Од РКЕ нагласуваат дека станува збор за максимални цени, што значи дека трговците можат да ги продаваат горивата и по пониски цени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни