Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани продолжува со интензивно темпо, а од почетокот на судскиот процес досега се одржани вкупно 49 рочишта, без ниту едно од нив да биде одложено, покажуваат податоците презентирани од Основниот кривичен суд Скопје.
Станува збор за еден од најобемните судски предмети во македонското правосудство. Од вкупно одржаните рочишта, девет биле во 2025 година, а 40 во текот на 2026 година.
Според податоците презентирани од претседателката на судот Даниела Димовска, на 14 септември завршило изведувањето на доказите на Јавното обвинителство. Во досегашниот тек на постапката биле изведени 1.309 материјални докази, а пред судот биле сослушани 45 сведоци и вешти лица.
Одбраната предложила 244 сведоци
Од 1 октомври е предвидено да започне изведувањето на доказите на одбраната, која предложила сослушување на дополнителни 244 сведоци.
Големиот број предложени сведоци укажува дека доказната постапка ќе продолжи и во наредниот период.
Уште 15 рочишта до крајот на годината
До крајот на 2026 година судот веќе има закажано уште 15 рочишта – шест во октомври, пет во ноември и четири во декември.
Последното рочиште за оваа календарска година е закажано за 24 декември.
Со оглед на обемот на доказниот материјал и бројот на сведоци предложени од одбраната, судската постапка се очекува да продолжи и во текот на 2027 година.
Предметот за пожарот во „Пулс“ е еден од најобемните што во моментов се водат пред Основниот кривичен суд Скопје.