Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судскиот процес за предметот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица.
На денешното рочиште предвидено е Јавното обвинителство да продолжи со изведување на материјалните докази. На претходното рочиште беа презентирани повеќе документи поврзани со основањето на заедничкото друштво со странски партнер, владините одлуки и финансиските трансакции поврзани со набавката на видеолотариски терминали.
Како доказ беше презентирана и Програмата за работа на АД „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело, како и мислење од овластен проценувач за вредноста и исплатливоста на вложувањето во видеолотариски терминали.
Обвинителството презентираше и информација доставена до Генералниот секретаријат на Владата за потребата од самостојно приредување електронски игри на среќа, заедно со анализа на пазарот.
Дел од доказниот материјал се однесува и на 158-та владина седница од 6 јуни 2023 година, меѓу кои предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците, владините заклучоци, одлуката за одобрување на работењето на Управниот одбор на Државната лотарија и мислењето од Министерството за финансии.
Во судницата беа презентирани и девизни налози, банкарски изводи од Халк банка, аналитички картички за економските оператори „Еврогамес технолоџи“, „Синот“ и „Шпедиција МКД“, како и документација поврзана со реализацијата на фактурите, сметките, испратниците и набавката на апаратите.
Освен Груби и Бајрами, обвинети во предметот се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, тие со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.
Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, додека судскиот процес го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.