Тројца од обвинетите во случајот со незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи признале вина и добиле затворски казни, информираа денеска од Основниот кривичен суд Скопје.
Станува збор за предмет во кој се обвинети шест лица, од кои тројца во моментов се недостапни за органите на прогонот. На последното рочиште, тројцата обвинети кои биле присутни во судот ја признале вината.
Првообвинетата е осудена на две години и шест месеци затвор, додека второобвинетиот и третообвинетиот добиле по една година и три месеци затвор.
Пред околу десетина дена беше спроведена акција поврзана со незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за C и D категорија.
Случајот следува по истрага отворена од Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи, при која било утврдено сомнение дека вработени во управните служби незаконски впишувале повисоки категории во возачките дозволи на лица кои немале положено соодветен возачки испит за управување со камиони или автобуси.
По откривањето на случајот биле преземени дополнителни проверки со цел да се утврди бројот на службеници кои биле опфатени со сомнителните активности, како и бројот на возачки дозволи издадени на ваков начин.